Партизан беше вистински хит во Евролигата минатата сезона, а неверојатната популарност на „црно-белите“ се потврди и летово, откако беше урнат рекордот за најмногу продадени сезонски билети на еден кошаркарски клуб.
Актуелниот АБА-шампион денеска на прес-конференција обелодени дека продал 16.124 сезонски билети, од што се заработени над шест милиони евра.
„Оваа сезона е рекордна, завршивме со продажбата на сезонски билети. Продадени се 16.124 сезонски билети, не знам дали некој некогаш ќе го урне овој рекорд. Заработката е над шест милиони евра, тоа се пари што веќе ги имаме на сметката и ќе ги искористиме во клупскиот буџет, кој е за 25% повисок во однос на лани. Она на што сме горди е дека ниту еден билет не беше доделен бесплатно, сите издвоија пари за да дојдат до него. Амбициите ни остануваат исти, најпрвин пласман во Топ 8, а потоа и на фајналфор турнирот од Евролигата, секако и да стигнеме до нова титула во Евролигата“, изјави претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА