Клубовите од Саудиска Арабија немаат намера да запрат со офанзивата за потписи со звучни имиња од европскиот фудбал. Така, на ред дојде и Роберт Левандовски, кој во текот на вчерашниот ден добил официјална понуда за преселба во оваа држава, која веќе привлече бројни „ѕвезди“ на светскиот фудбал.
Информацијата ја потврдија и неколку каталонски медиуми, според кои клуб чие име се чува во тајност испратил понуда од 40 милиони евра до Барселона за услугите на Левандовски. Воедно, самиот голгетер добил извонредна понуда за личните услови, но како што стојат работите, каталонците нема да дозволат заминување на најдобриот стрелец летово.
Причината е јасна – преодниот рок во Шпанија завршува и Барселона ќе нема доволно време за да донесе адекватна замена. Преодниот рок во Саудиска Арабија трае до 20 септември и може да се очекува офанзива во наредните денови, но ставот на каталонците е јасен – Левандовски не е за продажба.
Ситуацијата би можела да се промени во текот на јануарскиот преоден рок, ако се знае дека Левандовски не е задоволен од стилот на игра на Барса и веќе јавно го критикуваше тренерот Чави за премногу дефанзивниот пристап во натпреварите. Ако односот не биде стабилизиран во наредните месеци, Лапорта ќе биде принуден да го продаде Полјакот за да не ризикува „бунт“ во соблекувалната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

