Арбелоа: Да играме и во Манчестер исто како во Мадрид

Реал Мадрид со огромна предност ќе влезе во реваншот против Манчестер Сити, но целта на тренерот Алваро Арбелоа е јасна – „кралевите“ во ниту еден случај целосно да не се повлечат, туку да ја повторат играта од првиот дуел на „Сантијаго Бернабеу“ во која го декласираа англискиот гигант со 3-0.

„Тоа ми е желбата – да одиграме 90 минути во Манчестер исто како што тоа го сторивме и во Мадрид. Да бидеме борбени, посветени, дисциплинирани, секако дека ќе ни биде потешко бидејќи домаќинот ќе стори се што поскоро да даде гол, но јас очекувам да одиграме квалитетен меч и на реваншот“, изјави Арбелоа.

Тој не го крие задоволството што за утрешниот реванш на располагање ќе го има Килијан Мбапе.

„Фактот дека одигравме таков меч без нашиот најдобар напаѓач прави да сум бескрајно горд на тимот. Мбапе е подготвен, тренираше нормално и ќе може да игра. Ќе го видите на терен утре. Што се однесува до Белингем, тој е блиску, самиот побара да патува, но нема да ризикуваме, мечот ќе го следи од трибините“, обелодени стратегот на „кралскиот клуб“.

Се вчитува...