Алваро Арбелоа вечерва ќе дебитира на клупата на Реал Мадрид на куп-дуелот со Албасете, а наследникот на Чаби Алонсо реши да преземе сериозен ризик околу составот на „кралевите“ за овој меч.
Имено, Реал е значително ослабен поради неиграњето на повредените Мбапе, Родриго, Ридигер, Милитао, Менди, Карвахал и Трент Александер Арнолд, а Арбелоа реши згора на тоа за мечот со Албасете воопшто да не смета на четири стандардни првотимци, и тоа Белингем, Куртоа, Чуамени и Карерас.
Покрај тоа, новиот тренер повика дури пет фудбалери од младинската екипа што тој ја водеше до пред неколку дена, а за очекување е најмалку двајца од нив да добијат шанса на теренот против Албасете.
Од големите ѕвезди на списокот на Арбелоа е само Винисиус, тука се и Валверде и Арда Гулер, па останува да се види дали Реал и со така комбиниран тим ќе успее да стигне до посакуваниот резултат – пласман во следната фаза од Копа дел реј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

