Реал Мадрид го одигра можеби најзрелиот натпревар во сезоната на Сантијаго Бернабеу, совладувајќи го Монако убедливо со 6-1 во Лигата на шампионите и со тоа, барем привремено, ставајќи крај на приказните за кризата и заладувањето на односите со навивачите.
Винисиус Жуниор и Џуд Белингам најмногу се изразија, секој на свој начин. Бразилецот овој пат избра потивок пат. Без провокации, без театарски гестови, како сè уште да ја носеше во себе горчината поради свирежите што неодамна ги доживеа против Леванте.
Од друга страна, Белингам одлучи да ги претвори критиките во шега. По голот, англискиот играч од средниот ред направи гест на пиење за да се потсмева на коментарите што го обвинуваа дека излегува навечер, јасно ставајќи до знаење дека таквите приказни не го допираат.
Франко Мастантуоно, исто така, зборуваше за притисокот и критиките…
„Јас не сум Меси, но не сум ниту најлошото засилување во историјата на Реал Мадрид“, рече Аргентинецот, додавајќи дека во текот на целата своја кариера бил навикнат да живее со критики, „за среќа или за жал“.
По големата победа, невообичаено голем број играчи на Реал застанаа пред камерите. Но, и Алваро Арбелоа, видливо задоволен од она што го видел на теренот. Тој особено ја нагласи улогата на навивачите, но исто така уште еднаш ги пофали Килијан Мбапе и Винисиус Жуниор.
Сепак, токму една од неговите изјави го запали Мадрид. Кога беше прашан за дефанзивните должности на Мбапе и Винисиус, Арбелоа повлече јасна линија на разделување од филозофијата на својот претходник.
„Тие одлично ја вршат работата и се трудат, но нема да лажам – сакаме да бидат свежи во нападот. Да трчаат со тимот, да помагаат, но да бидат свежи за да направат разлика, како вечерва“, рече Арбелоа.
Многумина во таа реченица препознаа отворена порака до Чаби Алонсо, чија идеја бараше максимална дефанзивна дисциплина дури и од најголемите ѕвезди.
За некои, како Антонио Ромеро, овој став може да биде „опасен преседан“, бидејќи го поставува прашањето дали тренерот ќе може да побара дополнителен дефанзивен напор од своите ѕвезди кога ќе дојдат најтешките европски тестови.
Сепак, по натпреварот, Арбелоа изгледаше целосно уверен во тоа што го прави.
„Да седев од другата страна на клупата, резултатот ќе беше ист. Ова е победа за играчите, нивната желба, менталитет и енергија“, рече Арбелоа, тргајќи го целото внимание од себе.
„Не можете да играте вака без Бернабеу. Ако сакаме да освоиме нешто, ни требаат“, рече тој јасно.
Една од најприметливите сцени на вечерта беше прегратката на Винисиус Жуниор со Арбелоа за време на прославата.
„Не беше прегратка за мене, туку за мадридизмот“, објасни тренерот на Реал. „На Вини му треба Бернабеу, а на Бернабеу му треба Вина“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

