Данило Мијатовиќ од денеска и дефинитивно е слободен играч откако Комисијата за Арбитража при МКФ ја одби жалбата испратена од КК Куманово и ја потврди претходната одлука на Регистрациската комисија, која го раскина догоорот меѓу српскиот кошаркар и кумановци на штета на клубот. Одлуката е донесена откако е утврдено дека Мијатовиќ навистина не ги примил целосните плати за месеците за кои кошаркарот се жалеше при барањето за раскин на договорот, по што тој дефинитивно добива одврзани раце за трансфер во МЗТ Скопје.
Актуелниот вицешампион се надеваше дека пред „апелација“ ќе успее да ја промени одлуката на Регистрациската комисија, но откако тоа не се случи сега на „сино-белите“ од Куманово им останува само уште жалба пред Комисијата за заштита на законитост при МКФ, која речиси никогаш не одлучува поинаку од Арбитражата.
КК Куманово исто така испрати и жалба до Спортскиот Суд при Македонскиот Олимписки Комитет, но прашање е колку ќе трае целата процедура. Во меѓувреме, Мијатовиќ ќе добие зелено светло за преселба во редовите на МЗТ Скопје, каде српскиот крилен центар би требало да дебитира веќе викендов, на вечното дерби против Работнички што ќе се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА