Арда Туран ја чини Барселона 11.258 евра во минута, а не покажа речиси ништо…

Барселона во зимскиот преоден рок ќе се обиде да се ослободи од турскиот интернационалец Арда Туран, кој се чини дека е најголемото промашување во трансферната политика на клубот од „Камп Ноу“ во последните десетина години. Шпанските медиуми најавуваат негово враќање во Галатасарај како позајмен играч, но самиот фудбалер не сака да се откаже така лесно од погодностите што ги има во Барса. Секако, има договор што апсолутно ги штити неговите права, и тој самиот одлучува дали ќе остане и ќе чека шанса, или пак ќе замине да добие поголема минутажа во турскиот клуб.

Арда Туран е едно од најголемите разочарувања во Барселона. Досега одигра 55 натпревари во изминатите три сезони, на теренот беше 3.020 минути, а за него Барса плати 41 милиони евра за отштета. Покрај тоа, тој има годишна плата од 7 милиони евра.

Прецизните статистичари пресметаа дека тој ја чини Барселона фантастични 11.258 евра во минута, а во дресот на овој клуб не покажа речиси ништо. Секако, очекувањата и од раководството на клубот и од фановите беа многу, многу поголеми. Ниту еден фудбалер за кого биле платени повеќе од 30 милиони евра, немал помал импакт во играта на тимот.

.

Се вчитува...