Фудбалерот од средниот ред на Барселона, Арда Туран заврши со својата репрезентативна кариера веднаш по пријателскиот натпревар кој синоќа го играше со Македонија на националната арена во Скопје.
Туран се откажа од натамошно играње за репрезентацијата откако во авионот по синоќешното напуштање на Скопје се впуштил најпрво во вербална пресметка со турски новинар, а потоа имал обид и физички да се пресметка со новинарот.
Веднаш по слетувањето Туран имал состанок со стручниот штаб и раководството на федерацијата по што е одлучено да ја напушти репрезентацијата.
„Мислам дека дојде времето за напуштање… Ја завршувам мојата кариера во националниот тим“ – изјави 30-годишниот фудбалер кој има досега 96 настапи за репрезентацијата на Турција.
„Не сакам сега да се оправдувам за моите постапки, но еве да кажам дека експлодирав откако постојано слушам за себе критики за играта во репрезентацијата. Само критики…. Откако навивачите ме свиркаа на еден натпревар во Турција, не заборавив на сите тие лаги кои се пишувани за мене. Еден од тие кои пишуваат видов во авионот и морав да реагирам“ – вели Туран.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА