Шкендија дојде до повеќе од значајна победа на гостувањето против секогаш лутиот ривал Вардар во 10. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Евроголот на Максимов и погодокот на Аганспахиќ во самиот финиш им ја донесоа седмата победа на тетовци сезонава, па сега како сигурни лидери заминуваат на паузата поради активностите на националните тимови.
Тренерот Ардијан Нухиу секако е задоволен од најновата победа која дава нов мотив и за продолжението од шампионатот.
„Без разлика на ситуацијата на противничката екипа добро знаеме каков силен ривалитет постои меѓу двете екипи. Мислам дека нашиот тим покажа силна борба затоа што овие три бода беа важни за да имаме напредок или континуитет на позитивни резултати. Оваа победа ја посветуваме на нашите навивачи „Балисти“, како и на градот Тетово и мислам дека овие момчиња заслужуваат да бидат следени бидејќи на секој натпревар гинат на теренот, жртвуваат се за да дојдат до позитивни резултати“ – вели Нухиу, осврнувајќи се на самиот вчерашен натпревар.
„Мислам дека бевме подобар противник, креиравме многу повеќе од противникот на терен, па уште во првото полувреме можевме да поведеме, но едноставно ни недостасуваше малку среќа. Сепак, во вистински момент дојдовме до голот, потоа одлично продолжи тимот и на крајот го постигнавме и вториот гол. Навистина беше напорна недела, бидејќи имавме натпревари на секои три дена, па ќе ја искористиме оваа пауза сега за малку одмор и добра анализа како тим. Секогаш има простор за напредок и ќе се обидеме да го направиме тоа за времена оваа пауза“ – дополнува стратегот на Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

