Лионел Меси и неговата Аргентина ќе се борат за големиот пехар на Светските првенства, откако вечерва со победата над Хрватска се пласираа во големото финале на Мундијалот во Катар. Токму Меси беше стрелец на еден гол и забележа една асистенција, а Алварез постигна два гола.
И двата тима играа многу внимателно во првите 30 минути од средбата, без шанси и удари, а потоа во 32. минута Алварез одлично искористи грешка во одбраната на Хрватска, излезе сам пред голот и беше срушен од Ливаковиќ, по што Даниеле Орсато покажа на белата точка. Сигурен реализатор во 34. минута беше Меси кој биеше прецизно во горниот десен агол.
Пет минути пробуваа Хрватите да се соземат од шокот, а во 39. минута и вторпат ја водеа топката од мрежата. Алварез се „прошета“ низ одбраната на „коцкастите“ и го совлада Ливаковиќ за 2-0, резултат кој беше актуелен на полувремето.
Хрватскиот селектор Далиќ се обиде и со измени, но тоа не даваше плод. Офанзивната игра на Хрватска донесе и трет гол во мрежата на Ливаковиќ. Во 69. минута продор на Меси од десната страна, и асистенција до Алварез кој спроведе во празната мрежа за убедливо водство од 3-0.
До крајот на мечот Хрватска се обиде да намали, Аргентина како веќе да не ја интересираше противничкиот гол, па така само го чекаше крајот на мечот да се израдува на пласман во големото финале. За Аргентинците ова ќе биде шесто финале, во кое ќе ја бркаат третата титула светски првак и ќе го чекаат подобриот од утрешниот дуел меѓу Франција и Мароко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА