Аргентинско фудбалско лудило: Пари колку за лет до Мадрид, за назад ќе се снаоѓаме…

Се ближи реваншот од финалето во Копа Либертадорес меѓу Ривер плата и Бока јуниорс во Мадрид, а возбудата во аргентинската јавност, дури и на илјадници километри од местото на одигрување на натпреварот, се наоѓа пред кулминација.

Со играњето на „неутрален терен“ фановите на Бока дојдоа до можност да стигнат до билет („на црно“) и можност да го бодрат својот тим во атакот на големиот трофеј, а за да се стигне до тоа скапоцено парче хартија не се жали буквално за ништо.

„Знам луѓе кои се имаат разведено поради Бока. Сопругите им го поставиле прашањето „Јас или Бока“ – тогаш секогаш се избира  Бока, бидејќи тоа е вечна љубов. Кога се дозна дека ќе се игра во Мадрид веднаш почна лудилото да се дојде до билет, дневно ми се јавуваат по 300 навивачи со истото прашање – како да стигнеме до Шпанија и дали има билети за финалето во продажба“ – вели Николас Матера од фан-клубот на Бока јуниорс.

Дури и без обезбеден билет, голем број на фанови во текот на денешниот ден ќе пристигнат во шпанската престолнина.

„Интересно, голем дел од нив дури и немаа пари за повратна авионска карта. Зедоа се што имаа дома, купија само билет до Мадрид, а немаат ниту карта за финалето. Сакаат само да дојдат овде и да го бодрат тимот што го љубат – а за патот назад ќе мислат по натпреварот“ – открива Матера.

Тоа е таа страст по која аргентинските фанови се единствени во целиот свет. Некаде на самата тенка невидлива граница меѓу љубовта и лудилото.

Се вчитува...