Аргентинска доминација: Бертола и Биаџоли победници на Интернационалниот маратон на 10 километри во Охрид

Аргентинците Гилермо Бертола во машка и Елизабет Сесилија Биаџоли во женска конкуренција триумфираа на Интернационалниот пливачки маратон на 10 километри кој денеска се одржа во водите на Охридското езеро.

Бертола, во крајно неизвесен финиш, патеката од 10 километри ја мина за време од 2:02.46 часа, пред Венцислав Ајдарски кој заостана нецела секунда зад победникот (2.02.47.50), додека трет заврши Алехандро Хоакин Морено со време (2:02.49.39). Нашиот единствени преставник во машка конкуренција Александар Илиевски финишираше петти со десет минути заостанување зад победникот.

Победничката во женска конкуренција, Биаџоли заврши со време од 2:10.27.59 часа, додека втора беше уште една Аргентинка, Ромина Ивинкерлајд (2.10.42.62,) а трета Ерика Јенсен (2.23.43.57). Четврта беше минатогодишната победничка Василики Кадоглу од Бугарија, а македонската пливачка Ева Петровска се пласираше на 5. место.

Победниците на целта ги пречека претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски. Вкупниот награден фонд на трката изнесуваш 3.400 евра.

ФОТО: www.ohridnews.com.mk

Се вчитува...