Со победата над Полска од 2-0, Аргентина како првопласирана во групата ги продолжува натпреварите во 1/8 финалето на Мундијалот во Катар. Во првата рунда од нокаут фазата ќе игра со Австралија во 20 часот во сабота.
Аргентинскиот селектор Лионел Скалони реагира на распоредот, и ја критикуваше ФИФА што вака се играат натпреварите.
„Лудост е да се игра натпревар за два дена кога сме први во групата. Не разбирам. Нашиот меч заврши во 1 часот по полноќ, четврток треба да одмораме, во петок само еден тренинг, и веднаш играме. Тоа не се добри услови, но на сите им е така. Први сме во групата и мислам дека требаше да добиеме повеќе одмор“, рече Скалони.
Австралија во текот на истиот ден, но во термин порано, заврши како второпласирана во групата и ќе има неколку часа одмор повеќе.
„Сите натпревари се тешки. Сите кои мислат дека дуелот со Австралија ќе биде лесен се лажат. Не сме фаворити. Погрешно е да се мисли дека со победата над Полска веќе сме светски шампиони“, додаде Скалони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА