Аријан Адеми го елиминираше Шкупи од Лигата на шампионите! (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми е „виновникот“ за елиминацијата на Шкупи во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Динамо Загреб, по оние 2-2 од „Максимир“ пред седум дена, вечерва со 0-1 славеше на реваншот во Скопје и тоа со погодокот на Адеми во 47. минута кој е најзаслужниот за пласманот на „модрите“ во следната рунда откако стрелаше и на првиот дуел во Загреб.

Во одлична атмосфера на арената „Тодор Проески“, Шкупи имаше најпрво две одлични шанси во првите 45 минути, преку Џелил Абдула во 21. минута кој со глава за малку над гредата од гостинскиот гол, а убава можност имаше и Куевен во 30. минута, но и неговиот шут по асистенцијата на Сандеј Адетунџи заврши над голот на Ливаковиќ.

И Хрватите имаа свои шанси за гол. Петковиќ и Шпикиќ имаа убави можности во 29. и во 35. минута, но најголемата беше во првата минута од судиското продолжение кога Петковиќ изби сам пред голот на Шкупи, и кога сите очекуваа погодок се сплетка офанзивецот на гостите по што опасноста беше расчистена.

Второто полувреме почна очајно за чаирчани. Веќе во 47. минута Динамо Загреб дојде до водство од 0-1, и тоа преку кој друг ако не Аријан Адеми.

Нововлезениот Менало одлично продре по десната страна, проигрувајќи го Адеми во центарот кој рутински стрелаше за 0-1, притоа постигнувајќи го својот 13-ти европски гол во дресот на Динамо Загреб.

Во продолжението хрватскиот тим беше далеку понадмоќен од Шкупи, се редеа шанси, веќе во 51. минута и Менало постигна гол, но беше поништен поради офсајд позиција, а следеше одлична шанса и на Петковиќ кој не ја реализираше.

Шкупи до крајот на мечот се обидуваше да дојде до израмнување, но неуспешно, на крајот Динамо Загреб изборувајќи се за доволна победа од 0-1 за пласман во 3. квалификациско коло од ЛШ против бугарскиот Лудогорец.

Аријан Адеми одигра 80 минути на дуелот, а Стефан Ристовски како стартер на загрепчани одигра 90 минути во Скопје.

Шкупи, пак, сега во 3. квалификациско коло од Лигата на Европа ќе игра против ирскиот Шамрок.

Се вчитува...