Аријан Адеми, без сомнение, засекогаш ќе остане запишан како еден од најуспешните фудбалери во македонската репрезентативна историја. И тоа едноставно не може да се избрише.
Сите кои се блиску до националниот тим и тоа како знаат дека Адеми секогаш го дава срцето за Македонија. И тогаш кога го мачеле повредите, и тогаш кога минуваше тешко години од кариерата, и тогаш кога беше во најголемата своја слава. Јасно е дека најголемите успеси македонскиот репрезентативен фудбал ги доживува и токму откако Адеми се вклучува во националниот тим.
Меѓутоа, веќе извесен период дел од фудбалски кругови во земјава постојано си ‘играат’ со шпекулациите за заминување на Адеми од репрезентативниот дрес. Така беше и за време на Лигата на нации, кога Адеми свесно и договорено поради бројните повреди доби одмор од стручниот штаб.
Истиот круг, се чини, и сега со постојаните шпекулации за заминување на Адеми од репрезентативниот дрес по мечот со Англија на „Олд Трафорд“. Па, Адеми веќе не можеше, очигледно да премолчува, на постојаните невистини…
„Да, и јас ја знам и слушам таа приказна дека мечот со Англија ќе ми бил последен во националниот дрес. И навистина не знам кој постојано ги пушта тие работи во јавност. Може да кажам само дека не е точна приказната. И не е последен натпревар“ – категорично изјави Адеми по дуелот со Украинците.
Македонската селекција веќе утре со чартер лет патува за Манчестер каде во понеделник (19. јуни) ја очекува пресметката со „Гордиот Албион“ на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА