Аријан Адеми потпиша нов договор со Динамо Загреб до 2025 година

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми не само што остана во Динамо Загреб, туку потпиша и нов договор со „модрите“. Според него, тој ќе остане на „Максимир“ до 2025 година. Адеми беше на прагот на заминување, имаше понуда од Ал Наср, но во последен момент се премисли и одлучи да остане.

„Зборував дека ќе си одам, но во еден момент сфатив дека тоа не е вистинскиот пат за мене и дека тоа не е она што јас го сакам во животот. Се предомислив. Уште еднаш би сакал да му се извинам на Јурчиќ затоа што од моја страна тоа не беше професионално. Ќе останам во Динамо Загреб до крајот на кариерата ако не дојде некоја понуда од клуб од Топ 5 лигите. Со Динамо играв во Лигата на шампионите и доживеав многу убави работи. Секако дека имам уште цели. Сакам да бидам најтрофеен играч на Динамо, да имам најмногу настапи и повторно да играм со тимот во Лигата на шампионите“, изјави Аријан Адеми за клупскиот сајт на Динамо Загреб.

Аријан Адеми доби и специјално дизајниран дрес од Динамо Загреб како благодарност за продолжување на верноста кон клубот.

 

Се вчитува...