Фудбалската приказна на Аријан Адеми се дели на два дела. Пред ноември 2015 година, и потоа… Еден од најголемите благодети за македонската репрезентација. Од Господ добиен еден од најзначајните фудбалери за националниот тим кој воопшто го имала Македонија, кој во 2014 година, и покрај тоа што е роден во Хрватска, одлучи да го облече македонскиот дрес, оној на земјата на неговите предци.
Адеми со фудбалот почнува на само петгодишна возраст. Брзо напредува во тимот од родниот град, ФК Шибеник, за да летото 2010 година на 18 години се сели на „Максимир“. Претходно за Шибеник дебитира само на 16 години, и тоа токму на „Максимир“, и засекогаш ќе остане запаметен како најмладиот капитен во хрватската лига во 2009 година, кој на првиот натпревар со лентата ќе постигне гол и ќе заработи исклучување.
Интересно, во Шибеник имаше далеку поофанзивна улога во тимот, но потоа во Динамо Загреб се профилира како дефанзивен фудбалер за врска со повеќе слобода кон напред, па во таа улога и тоа како ја затвори неопходната „дупка“ во македонската репрезентација.
КОВАЧ ГО ОТФРЛИ ОД ХРВАТСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА – НИКОГАШ НЕ ЗАЖАЛИ ШТО ЈА ОДБРА МАКЕДОНИЈА
Пред да ја одбере Македонија по убедување на неговиот братучед Агим Ибраими, за младата репрезентација на Хрватска има 33 настапи играјќи во средниот ред заедно со Бадељ и Ракитиќ. Потоа под водство на Игор Штимац за А-тимот на Хрватска запиша три натпревари, но само пријателски, што го остави во игра за Македонија. Штимац набрзо беше сменет, а новиот селектор Нико Ковач не го сакаше во своите редови за Мундијалот во Бразил. И само поради тоа Македонија го доби еден од најдобрите свои репрезентативци. Да не беше така во таа 2014 година, можеби сега на ЕВРО 2020 ќе беше во дресот на Хрватска. Но…
„Но, не жалам воопшто за мојата одлука. Навистина сум среќен во дресот на Македонија. Јас никогаш нема да заборавам што после двегодишната моја суспензија веднаш од страна на селекторот Ангеловски бев повикан во репрезентацијата и на дуелот против Лихтенштајн во Струмица настапив и постигнав гол“ – ќе рече Адеми.
ДВЕ ГОДИНИ ВИСТИНСКИ КОШМАР
А, претходно мина две години во кошмар. На 22. ноември 2015 година го чека најцрниот ден во неговиот живот. Денот кога, поради позитивен допинг тест по дуелот на Динамо и Арсенал во УЕФА Лигата на Европа, неоправдано доби четиригодишна суспензија од фудбалските терени. Докажа потоа дека не е виновен за тоа што му се случи, па ЦАС му ја намали казната на две години.
„Беше навистина ужасно тешко од првиот ден на суспензијата, но верував дека казната ќе се намали и повторно ќе се вратам на терен. Тренирав, работев напорно и чекав. Мора да се заблагодарам на сите лица во Динамо Загреб почнувајќи од Здравко Мамиќ кој цело време беше зад мене. Да бидам искрен последните денови од суспензијата ги чекав како војник кој ги одбројува последните денови од воениот рок“ – се потсетува Адеми.
ЧЕСЕН, ЛОЈАЛЕН, БЛАГОДАРЕН – ГО ОДБИ ЛИЛ САМО ЗАТОА ШТО ДИНАМО ГО ПОБАРА ТОА ОД НЕГО
Иако мина повеќе од тежок период во животот, човекот со лавовското срце како што е препознатлив во македонската репрезентација, никогаш не заборави дека Македонија секогаш беше цврсто со поддршка за него низ најтешките две години. На 9. Октомври 2017 година повторно се врати на терените на официјален натпревар и тоа во дресот на Македонија, на натпреварот против Лихтенштајн во Струмица во квалификациите за СП 2018. Го замени Пандев во 63. Минута и веднаш постигна гол. Тоа никогаш не го заборави.
„Не бев навистина виновен за тоа што ми се случи. Голот го прославив во солзи затоа што многу ми значи што Македонија ми даде поддршка во најтешките мигови. Благодарам Македонија“ – ќе рече тогаш Адеми.
И, од тој ден доживува нова младост. Минува феноменални, успешни години како капитен на Динамо Загреб кој исто така низ целиот тој период беше силно зад него. Ниту тоа не го заборави.
Имаше и повеќе од сериозна понуда за трансфер во Лил. Но, ја одби, демонстрирајќи чесност, лојалност, благодарност…
„Клубот направи многу за мене и беше некоректно од мене да одлучам поинаку. Имаше одлични услови затоа што Лил тогаш најавуваше силни амбиции, и нормално дека се гледав себе си во една од Топ 5 лигите во Европа. Но, луѓето од Динамо Загреб ми рекоа – ‘Ние те сакаме уште тука, остани’. Јас без размислување кажав во ред. И тоа е тоа“ – се навраќа Адеми на моментите кога можеше да ја стартува европската кариера за себе. Иако тоа се уште е сега пред него.
Со Македонија сега ќе игра на ЕВРО 2020. Дефинитивно фокусот на европските клубови ова лето ќе биде насочен и кон Аријан Адеми. Па, нема да биде изненадување ако следи преселба од Динамо Загреб во некоја од Топ 5 европските лиги.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА