Алкалоид ја потврди фаворитската улога со пласман во следната рунда од ЕХФ купот по синоќешниот триумф и на реваншот против литванскиот состав Драгунас Клаипеда.
По убедливата победа од 42-31 во Скопје, избраниците на Кирил Лазаров немаа проблеми да го надмудрат противникот и во балтичката држава славејќи со 31-37.
„Мислам дека и вториот натпревар беше комплициран. Знаевме дека овој тим многу трча, се бори до последен момент. Тоа е важно во вакво натпреварувње, затоа што е специфичен модел, можеш да победиш со 10 гола, а потоа и да изгубиш и со 15 ако не си фокусиран. Затоа дојдовме овде не со цел да браниме разлика, туку да победиме и овде. Најважно е дека успеавме, победивме и се пласиравме во следното коло“ – истакна по синоќешната победа Арно Бинго.
Како го оценуваш прогресот на екипата?
„Тимот многу брзо расте и многу работиме. Тоа е клучот, многу работиме, добро работиме и имаме добар напредок, а добиваме и на искуство“.
Минатата европска сезона изјави дека оваа екипа е полна со млади играчи, желни да играат, но има пред нив многу работа. Каков е сега твојот став по истото прашање?
„Мислам дека сега научија и разбраа многу работи. Разбраа како мора да се игра, но тие и натаму се многу млади. Овој тим, уф, мислам дека има гоолем потенцијал да напредува и да стане серизоно добра екипа што ќе може со сите да се надигрува. Оваа екипа, ме потсетува на Порто. Тие беа вакви, многу млади, без речиси никакво искуство, но ден по ден, година по години пораснаа. Освоија не знам колку титули во Португалија, а и во Лигата на шампионите имаа одлични резултати. Токму на Порто ме потсетува оваа екипа на Алкалоид“ – изјави Арно Бинго.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА