Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер синоќа додаде уште една титула во својата богата колекција. Арсенал го победи шампионот Челси со 2-1 и ја освои титулата во ФА Купот, а Венгер стана најтрофеен тренер во најпрестижниот Куп во Европа. Искусниот француски стратег со „топчиите“ седум пати го подигнал пехарот во ова натпреварува, нешто што не му успеално на ниеден друг тренер.
Но, интересно е дека Венгер од сите освоени титули и трофеи, кај себе нема ниеден медал?!
Французинот го откри овој интересен податок и приказната каде завршуваат неговите трофеи по доделувањето.
„Немам ниеден трофеј, медал…ништо од тоа. Секогаш ги поклонувам. При доделувањето на тие медали, секогаш постои барем еден наш човек од клубот, член на стручниот штаб кој не добил медал, па секогаш мојот медал го поклонувам на еден од нив. Секогаш сме „покуси“ за медал и секогаш наоѓам некој да го земе. Немам ниеден таков сувенир кај мене дома. Да дојдете во мојот дом – ќе се изненадите“ – открива Венгер.
Арсен Венгер со досегашните шест трофеи со Арсенал во ФА Купот беше изедначен со Џорџ Ремзи кој истото го постигна со Астон Вила. Со синоќешната седма титула Венгер стана најуспешниот тренер во ова натпреварување. А, многу веројатно е дека оваа рекордна титула со која Арсенал ја спаси сезоната, на Венгер ќе му донесе продолжување на договорот со тимот од Лондон за уште две сезони. И покрај реакцијата на дел од навивачите на Арсенал кои изминатите месеци протестираа и со транспаренти му порачуваа дека треба да си замине од клубот.
„Неверојатно е колку некои немаат почитување и тоа не може да се прифати. Постои разлика меѓу критика и третирање на луѓето на начин на кој не заслужиле да бидат третирани. Тоа нема никогаш да им го заборавам…“ – им порача Венгер на навивачите на Арсенал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА