Арсенал ги искористи подароците од Сити, Гвардиола не знаеше што го снајде на „Емирати“

Арсенал убедливо го доби големото дерби со Манчестер Сити со 5-1, со што „топчиите“ останаа најсериозен ривал на Ливерпул во трката за титулата во Премиер-лигата. Пеп Гвардиола има зошто да биде разочаран ако се земат во предвид големите грешки што ги правеа неговите фудбалери на сопствената половина, по што Арсенал ги постигна своите први два гола на дербито.

Резултатот беше отворен по нецели две минути игра, Аканжи ја загуби топката, а Едегард немаше тешка задача да ја смести во мрежата по асистенцијата на Хаверц. Германецот во првото полувреме имаше шанса за самиот да постигне гол по уште една грешка на гостите, но од идеална ситуација шутираше крај дирекот.

Халанд даде гол за израмнување на 1-1, но веднаш потоа следеше одговор на „топчиите“, Парти беше стрелец откако неговиот удар го закачи Стоунс и го измами гостинскиот голман, по големата грешка и „продадената“ топка од Фоден. „Граѓаните“ не можеа да се вратат, напротив Арсенал продолжи да доминира и набрзо постигна и трет гол, преку младиот Скели за кого ова беше прв премиерлигашки погодок во кариерата.

Шампионот беше нокаутиран, а Арсенал ја продолжи маестралната партија постигнувајќи и четврти погодок, прв за Каи Хаверц на овој натпревар. Конечните 5-1 во судиското продолжение ги постави младиот Нванери, за импресивна победа на „топчиите“ над актуелниот првак на Англија.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...