Арсенал го чува водството, повторно е на „плус осум“ од Манчестер Сити

Арсенал рутински славеше на мечот со Лидс со 4-1, резултат со кој „топчиите“ ја одржаа предноста од осум бода (но и меч повеќе) во однос на Манчестер Сити во трката за титулата во Премиер-лигата. Лидс имаше две убави шанси при 0-0, по што Арсенал поведе со пеналот на Жезус, откако истиот фудбалер беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник. Сите дилеми околу победникот беа расчистени на стартот од вториот дел, кога Бен Вајт и Жезус погодија за водство од 3-0, а гостите до крајот успеаја само да намалат со голот што од дваесетина метри го постигна Кристенсен.

Конечните 4-1 на седум минути до крајот ги постигна Гранит Џака, како нова потврда за кандидатурата „топчиите“ да го симнат Сити од тронот на англискиот фудбал.

Борнмут конечно се крена над опасната зона на табелата откако тимот што долго време беше „фенерџија“ успеа да слави на домашен терен над Фулам со 2-1. Переира им донесе водство на гостите во првото полувреме, по што можеше да се проследи целосен пресврт во вториот дел, во режија на Таверние и на Соланке. Борнмут сега има 27 бода, четири повеќе од „фенерџијата“ Саутемптон и два повеќе во однос на Лестер, кој е на 18. место кое води во Чемпионшип-дивизијата.

Рој Хоџсон имаше победнички камбек на клупата на Кристал Палас откако неговиот тим во драматичен финиш славеше со 2-1 над Лестер. Гостите први поведоа на стартот од вториот дел, Палас израмни со автоголот на Иверсен, а огромни три бода во трката за опстанок донесе Матета со гол во 94. минута.

Брајтон и Брентфорд ремизираа 3-3 во најефикасниот меч во денешната програма, додека Нотингем и Вулверхемптон во битката во зоната за опстанок одиграа без победник, 1-1.

Се вчитува...