„Арсенал има и тренер и играчи за сезонава да стане шампион“

Арсенал со денешното дерби на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед ќе ја стартува новата сезона во Премиер-лигата во која „топчиите“ влегуваат со јасна цел – конечно да се вратат на врвот и да го кренат премиерлигашкиот пехар во свои раце.

Откако завршија на второто место во последните две сезони, избраниците на Микел Артета се мотивирани годинава да направат чекор напред, особено откако управата издвои богатство за да доведе неколку врвни засилувања на „Емирати“.

Холандскиот репрезентативец Џастин Тимбер е оптимист дека оваа сезона ќе биде на Арсенал и дека лондонскиот клуб во мај 2026 ќе се радува на големиот трофеј.

„Сите можат да видат колку сме добри, колку малку ни недостига за тој последен чекор за да стигнеме до титулата. Ливерпул беше подобар од нас лани и му честитавме за тоа, но сега сме уште помотивирани ние да бидеме тие што ќе се радуваат на крајот. Верувам дека сме способни, Арсенал има и тренер и играчи за сезонава да стане шампион. Затоа и сите сме максимално возбудени што сезоната конечно почнува, да покажеме се што знаеме. Се подготвувавме за овој прв меч со Манчестер јунајтед и никој не треба да се сомнева дека ќе сториме се за да стигнеме до трите бода на овој дерби дуел“, порача Тимбер.

Се вчитува...