Арсенал е подготвен да се ослободи од Месут Озил, па му одреди цена од 20 милиони фунти доколку некој клуб се интересира во јануарскиот преоден рок. Арсен Венгер смета дека германскиот репрезентативец не е потребен на тимот, па сака да изнуди каква таква заработка пред да му истече договорот во јуни 2018 година.
Раководството на „топчиите“ повеќе од една година преговара со агентот на Озил за нов договор. Тој пак тврди дека преговорите се движат кон вистински правец, но се уште нема напредок околу продолжувањето на соработката. Од 1. јануари Озил ќе може да преговара со клубови и да договори нов ангажман, но ќе мора да чека крајниот рок на договорот со Арсенал за да замине како слободен играч, секако ако некој клуб не се одлучи да го откупи во следниот преоден рок.
Како најзаинтересиран клуб се покажа Интер, но секако и Јувентус ќе се обиде да го договори неговиот потпис без да плати отштета. Летото се споменуваше и Барселона, а треба да се има во предвид дека Озил е миленик на Мурињо, па не би било чудно доколку „специјалниот“ замеша прсти и го наговори да дојде на „Олд трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА