Артур Мело кој еднаш важеше за еден од најталентираните играчи од средниот ред во својата генерација мака мачи во последните сезони. По две години поминати во Барселона, Бразилецот заврши во редовите на Јувентус по трампата помеѓу него и Миралем Пјаниќ, но сега 25-годишникот не успеа да се наметне ниту во редовите на „старата дама“.
Мело се наоѓа на прагот да го напушти Тирино, а за неговите услуги е заинтересиран Арсенал кој сака да го засили средниот ред со позајмица до крајот на сезоната, но без обврска за купување на играчот по крајот на истата. Покрај тоа „топџиите“ се подготвени да го платат и целиот износ на неговите примања, но за реализација на позајмицата постои еден проблем.
Имено, Јувентус нема да дозволи заминување на бразилскиот репрезентативец без адекватна замена па како што одминуваат деновите се поверојатно е дека играчот кој оваа сезона настапи на само седум натпревари во Серија А ќе продолжи да ја „грее“ клупата на италијанскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА