Унаи Емери стои на тенок лед во Арсенал, а управата на „топчиите“ е пред тешка одлука, дали да му даде шанса на овој стратег и со тоа да ризикува заминување на двајцата најдобри напаѓачи, Пјер Емерик Обамејанг и Александр Лаказет.
„Топчиите“ се обидуваат да ги убедат двајцата голгетери да потпишат нови долгогодишни договори, но ниту Лаказет ниту пак Обамејанг не размислуваат на таа тема додека Емери седи на клупата на лондонскиот клуб. Екс-тренерот на Севилја веќе не е омилена личност во соблекувалната, клучните фудбалери се сомневаат дека тој може да го доведе тимот во ЛШ, особено во ситуација кога Челси и Лестер играат многу подобар фудбал од Арсенал. Обамејанг и Лаказет се играчи кои сакаат да бидат дел од најголемото европско натпреварување, па доколку не успеат во тоа со Арсенал, ќе си ја побараат среќата на друго место.
„Топчиите“ тактизираат бидејќи во случај на отказ ќе треба да му платат на Емери и неговиот стручен штаб околу шест милиони фунти за предвремен раскин на договорот. Шпанецот може да си замине без никаква отштета на крајот од сезонава, но тогаш може веќе да биде предоцна. Затоа што ако ЛШ остане „мисловна именка“ за „топчиите“, повеќе од сигурно е дека клучните играчи ќе инсистираат на трансфер во текот на летниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА