Арсенал не запира, повторно пазареше од Челси

Трансфер-активностите на Арсенал не запираат, откако „топчиите“ договорија уште еден нов фудбалер со кој се надеваат дека ќе успеат да стигнат до титулата во Премиер-лигата.

Нони Мадуеке во следните денови и официјално ќе потпише договор со Арсенал откако „црвено-белите“ од Лондон постигнаа целосен договор со Челси околу висината на отштета. Раководството на Челси одлични ги водеше преговорите, на крајот успевајќи да извлече дури 52 милиони фунти за Мадуеке, кој секако беше прекуброен по трансферот на Гитенс од Борусија Дортмунд.

Артета инсистираше на нов крилен офанзивец кој би бил покритие во случај на повреда на Сака или Мартинели (како што тоа беше случај ланската сезона), а изборот падна токму врз Мадуеке, кој одлично ја почна сезоната во Челси, но како што одминуваше времето така и неговата улога во тимот се намалуваше.

Фудбалерот веќе ги има договорено личните услови за петгодишен договор со Арсенал, па англиските медиуми најавуваат дека Мадуеке сигурно нема да настапи на финалето од клупскиот мундијал против ПСЖ за да не се ризикува повреда со која би се загрозил овој трансфер со кој Челси ќе направи значаен чекор за покривање на расходите и задоволување на строгите правила околу финансискиот ферплеј.

Се вчитува...