Арсенал остана без богат бонус, Салцбург ќе му биде вечно благодарен на Баерн

Арсенал беше елиминиран во четвртфиналето од Лигата на Шампионите, „топчиите“ останаа без пласман меѓу четирите најдобри екипи во Европа, но исто така и без богат бонус од 50 милиони евра кои ќе беа добредојдени за Артета во пресрет на летниот преоден рок.

Имено, „топчиите“ мораа да слават во двомечот со Баерн за да се пласираат на клупскиот Мундијал закажан за летото 2025. Нивната елиминација значи и пласман на Салцбург на првото издание на ова ново натпреварување под капата на ФИФА, на кое сите учесници ќе добијат почетен бонус од 50 милиони евра, плус дополнителни премии во зависност од настапот.

Според планот на ФИФА, ќе се играат осум групи од по четири екипи, а Европа ќе има 12 претставници според рејтингот на клупската ранг-листа на УЕФА. Арсенал беше во пол-позиција со пласман во полуфиналето сигурно да биде дел од ова натпреварување, но веќе нема никакви дилеми – елиминацијата на „топчиите“ значи дека последниот билет оди кај Салцбург.

Претставници на Европа на клупскиот мундијал ќе бидат: Манчестер Сити, Челси, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Баерн Минхен, Борусија Дортмунд, Интер, Јувентус, ПСЖ, Порто, Бенфика и Салцбург.

Дел од новото натпреварување ќе бидат и екипите на Ал Ахли (Египет), Видад (Мароко), Ал Хилал (Саудиска Арабија), Урава (Јапонија), Монтереј (Мексико), Сиетл (САД),Клуб Леон (Мексико), Окленд Сити (Нов Зеланд), Палмеираш, Фламенго и Флуминенсе (Бразил).

Се вчитува...