Арсенал се наоѓа пред невозможна мисија на вечерашниот натпревар на „Емирати“, бркајќи негатива од огромни четири гола (1-5) од првиот дуел против Баерн Минхен. Шансите за некакво чудо вечерва во Лондон се уште помали ако се земе во предвид фактот дека тимот на Арсен Венгер пати од „комплекс“ кога станува збор за дуелите со баварскиот гигант, ривал од кого беа три пати елиминирани во истата оваа фаза од Лигата на шампионите, во 2005, 2013 и во 2014 година.
„Единствената работа што ни оди во прилог е што немаме што да загубиме – мораме да нападнеме и да се обидеме да постигнеме што повеќе голови. Сакаме да си дадеме шанса за чудо играјќи офанзивен фудбал. Без разлика што ќе се случи, мораме да играме за својата гордост и да дадеме се од себе во овие 90 минути“ – изјави Арсен Венгер.
Францускиот стратег не може да смета на Месут Озил, како и на Елнени и Мертесакер, а Алексис Санчез сигурно се враќа во стартниот тим откако беше резерва на дербито со Ливерпул.
Баерн е близу до ново четвртфинале, но мора да се истакне дека баварскиот гигант игра далеку од посакуваната форма надвор од Минхен, па така од последните тринаесет гостувања има забележано само три победи. Баварците последен пат славеа на гостински терен на нокаут натпревар во ЛШ во 2014 година, и тоа токму против Арсенал (0-2), а оттогаш имаат скор од четири реми и четири порази.
„Имаме предност, но и фудбалерите се максимално фокусирани. Подготвени сме за почетниот притисок на Арсенал, очекувам професионално да си ја завршиме задачата и да стигнеем до четвртфиналето“ – истакна Анчелоти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА