Арсенал планира да потроши 360 милиони на засилувања

Англискиот премиерлигаш Арсенал има намера во летниот преоден рок да го доведе 29-годишниот крилен напаѓач на Баерн Минхен, Лерој Сане, кој ќе биде слободен играч бидејќи договорот со баварскиот клуб истекува во јуни, објавија британските медиуми.

Сане оваа сезона постигна осум гола и четири асистенции во сите натпреварувања, а германскиот клуб засега не покажува интерес за продолжување на неговиот договор. Во корист на Арсенал е фактот што тренерот Микел Артета соработуваше со него кога беше помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер Сити.

Новиот спортски директор на „топчиите“ Андреа Берта, кој од 2017 до јануари годинава беше многу успешен на таа работа во Атлетико Мадрид, летово ќе има на располагање 360 милиони евра за засилувања.

И додека Лерој Сане може да дојде во лондонскиот клуб без обештетување, многу ќе ги чини ангажманот на двајца играчи од средниот ред, Бразилецот Бруно Гимараеш од Њукасл и Мартин Зубименди од Реал Сосиедад.

Откупната клаузула за Зубименди е 60 милиони евра, а уште повеќе би можел да чини Бруно Гимараеш, чиј договор со „страчките“ е со важност до јуни 2028 година.

Се вчитува...