Арсенал со мега-понуда за голгетерот што го посакува цела Европа

Немањето на врвен класичен голгетер е главниот проблем на Арсенал во последните две сезони, но управата на клубот е цврсто решена да потроши богатство за да ја исполни и таа желба на Микел Артета, се со цел „топчиите“ следната сезона конечно да се закитат со титулата во Премиер-лигата.

Претходно Арсенал беше поврзуван со Шешко од Лајпциг и со Исак од Њукасл, но последните информации говорат дека лондонскиот клуб тргнал во офанзива за потписот на најпосакуваниот голгетер на пазарот летово, Виктор Гијокереш од Спортинг Лисабон. Шведскиот ас игра во животна форма и има 95 гола на првите 100 средби во дресот на Спортинг, со што го привлече вниманието на најголемите европски клубови.

Во прилог на Арсенал оди и фактот дека тој има клаузула за раскин со Спортинг во висина од 65 милиони евра, па погледите на управата се свртени кон директните преговори со фудбалерот. Весникот „Мирор“ тврди дека е доставена мега-понуда до агентот на голгетерот, во висина од 200.000 фунти неделна плата, плус бонуси за секој освоен трофеј, но и седум милиони фунти како бонус за самиот потпис на договорот со Арсенал.

Целта е јасна, потписот да се осигура уште пред крајот на оваа сезона за да не се влезе во битка во текот на летото, кога сигурно и конкуренцијата за потпис на Гијокереш ќе биде уште поголема.

Се вчитува...