Арсенал со нов пехар, Ливерпул со празни раце

Арсенал е освојувач на „Комјунити Шилд“ трофејот, откако „топчиите“ славеа на дуелот против шампионот Ливерпул, по подобро изведување на пеналите. По 90 минути игра резултатот гласеше 1-1, а трагичар на „црвените“ беше младиот Брустер, кој влезе во игра во 91. минута само за да изведе пенал, но шутираше над гредата. Ова е втор меч во серија од „Комјунити Шилд“ што Ливерпул го губи, откако тимот на Јирген Клоп го загуби и ланскиот дуел со Манчестер Сити.

„Црвените“ имаа повеќе од поседот на топката, но Арсенал беше тимот што прв дојде во водство. „Топчиите“ почнаа одлична акција од сопствениот шеснаесетник, топката стигна до Обамејанг, кој со прецизен удар од дваесетина метри го матираше Алисон Бекер. Избраниците на Клоп заиграа многу подобро во второто полувреме, успевајќи да израмнат со погодокот на Минамино, прв гол на Јапонецот за Ливерпул по јануарскиот трансфер од Салцбург.

Во пенал-рулетот пресуди промашувањето на младиот Брустер во третата серија за Ливерпул, „топчиите“ ги реализираа сите свои удари од белата точка и на крајот заслужено го кренаа пехарот.

Сезоната во Премиер-лигата официјално ќе стартува на 12 септември, по завршувањето на репрезентативните натпревари закажани за почетокот на следниот месец.

Се вчитува...