Арсенал почна преговори со Астон Вила за ангажман на најдобриот голгетер на оваа екипа, англискиот репрезентативец Оли Воткинс. Весникот „Дејли Мејл“ прв ја објави веста за разговорите за овој мегатрансфер, откако Микел Артета го избрал токму Воткинс како идеално решение за нападот на „топчиите“ иако лондонскиот клуб претходно беше поврзуван и со Душан Влаховиќ и со Александар Исак.
Артета верува дека играч со квалитетите на Воткинс може да биде од огромен плус за младиот тим на „топчиите“, особено во ситуација кога Габриел Жезус е загубен до крајот на сезонава, а Букајо Сака нема да може да игра уште најмалку еден месец. Астон Вила се наоѓа во удобна позиција бидејќи Воткинс има уште три години од актуелниот договор, па клубот од Бирминген ја одбил првата понуда на Арсенал. Сепак, „топчиите“ најавиле дека нема да се откажат од намерата, па се очекува во наредните денови да се вратат со нова, далеку побогата понуда за да го осигураат потписот на 29-годишниот напаѓач.
Интересно, Воткинс во 2020 година додека уште настапуваше за Брентфорд обелодени дека е голем фан на Арсенал.
„Тоа е сонот, еден ден да заиграм за Арсенал, клубот за кој навивам долго. Сепак, знаете, тоа е многу далечно во моментов“, изјави тогаш Воткинс.
Пред пет години, навистина беше далечно, но Воткинс во меѓувреме се промовираше во еден од најдобрите англиски голгетери, па сега негова преселба во Арсенал не е така „невозможна мисија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА