Дванаесеттото коло од ПМФЛ ќе биде отворено денеска во Гостивар, каде со почеток во 13.30 часот Арсими ќе го пречека тимот на Башкими во дуелот на новите прволигаши. Натпреварот во Гостивар носи дополнителен интерес бидејќи се среќаваат две екипи кои се познаваат добро и секогаш нудат возбудливи средби.
Напаѓачот на Арсими, Албан Таипи, ја изрази својата подготвеност и мотивираност пред денешниот дуел:
“Очекуваме едно вистинско дерби. Играме против квалитетен тим кој има свои доблести, но ние сме подготвени и ќе дадеме се од себе за да го задржиме позитивниот ритам. Работевме напорно во текот на неделата и верувам дека со вистински пристап можеме да дојдеме до нова победа пред нашата публика”.
По нерешениот резултат со Македонија ЃП, Башкими остана без тренер откако беше прекината соработката со тренерот Муарем Муарем. Во првиот натпревар од 12-тото коло, тимот од Куманово на дуелот против Арсими ќе го предводи Мите Митев, шефот на техничкиот штаб. Напаѓач од Босна и Херцеговина во редовите на Башкими, Недим Хоџиќ, смета дека и покрај промената во стручниот штаб, атмосферата во тимот е на високо ниво и дека од Гостивар ќе се вратат со три бода.
„Одиме на натпреварот најподготвени што можеме. Фокусирани сме на остварување на нашата цел, а тоа се 3 бода. Иако имаше промена на тренер, атмосферата во тимот е на одлично ниво. Сите играчи се подготвени и едвај чекаат да почне натпреварот. Сите сакаме да ги израдуваме нашите навивачи и со Божја помош, конечно да прославиме“, изјави Недим Хоџиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

