Во натпревар од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига, Арсими во Гостивар е домаќин на Македонија ЃП. Арсими по победата во соочувањето со Шкупи очекува освојување на нови три бода и тоа во дуел со противник кој е директен конкурент во трката опстанок во елитата.
Во пресрет на натпреварот фудбалерот на гостиварци, Џезаир Авдули, истакна дека по убедливата победа од 3-0 против Шкупи, атмосферата во екипата е на високо ниво.
„По оваа важна победа, атмосферата во тимот е многу позитивна, а мотивацијата е на највисоко ниво. Работевме добро во текот на целата недела, со максимална концентрација и дисциплина, бидејќи знаеме дека не очекува квалитетен противник”, изјави Авдули, додавајќи дека фокусот сега е целосно насочен кон следниот предизвик.
„Нашиот фокус е целосно на претстојниот натпревар. Сакаме да ја продолжиме позитивната серија, да покажеме карактер и да го дадеме максимумот на теренот. Целта ни е јасна, да ги освоиме трите бода и да продолжиме по патот кон целите што ги имаме поставено како екипа. Со посветеност, заедништво и поддршката од нашите навивачи, верувам дека можеме да го оствариме посакуваниот резултат”.
Но, и Македонија ЃП има жестока битки пред себе на секој дуел до крајот на сезоната во желбата за опстанок.
„Денеска е денот кога Македонија ЃП стартува позитивна серија. И кога на овој тим ќе му тргне што се вели. Мотивирани сме на максимум, денеска мора да се освојат бодови. Немаме повеќе кредит што се вели, мечевите против Арсими, а потоа и против Башкими и Работнички за нас мора да бидат позитивни. Одиме чекор по чекор, но ќе повторам. Денешниот меч за нас е многу важен“ – вели универзалецот на Македонија ЃП, Адем Али.
Натпреварот Арсими- Македонија ЃП ќе се одигра денес со почеток во 14 часот на градскиот стадион во Гостивар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

