Се уште не спласнуваат реакциите по вчерашниот контролен натпревар во кој Работнички славеше против ГФК Охрид со 8-2.
Од ФФМ информираа дека се известени за големи уплати на овој натпревар па поради тоа отворија истрага за случувањата од вчерашниот меч.
Прволигашот Арсими ја информираше јавноста дека нема да одигра пријателски меч против Охрид поради оваа причина.
„Со цел да го зачуваме интегритетот на нашиот клуб, да ги почитуваме принципите на фер-плеј, чесна и транспарентна конкуренција, како и да придонесеме кон стабилноста и кредибилитетот на фудбалот во државата, ФК Арсими 1973 смета дека во вакви околности не е соодветно да се учествува на натпревари кои би можеле да остават простор за сомнеж или погрешна перцепција во јавноста.
Ја поддржуваме Фудбалската Федерација на Македонија која континуирано вложува напори во зачувување на интегритетот, регуларноста и транспарентноста на натпреварувањата, како и во борбата против сите појави што можат да го нарушат угледот на фудбалот.
Оваа одлука не претставува обвинување или предвремено донесување заклучоци кон кој било субјект, туку е принципиелен и одговорен став насочен кон заштита на угледот, имиџот и вредностите на нашиот клуб.“, велат од Арсими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

