Арсими посакува три бода на гостувањето во Скопје

По поразот на гостувањето против АП Брера, екипата на Арсими максимално се фокусира на следниот првенствен предизвик.

Стручниот штаб и фудбалерите внимателно ја анализираа претходната средба, а сега фокусот е насочен кон денешниот натпревар против Македонија Ѓорче Петров, дуел од големо значење во трката за опстанок во елитното друштво.

Атмосферата во екипата е на високо ниво, а целта е јасна, брза реакција и освојување на цел плен вели голманот на гостиварци Дејан Сиљановски и додава:

„По поразот на гостувањето против АП Брера, кој според мене беше незаслужен, нашата екипа направи анализа и е максимално фокусирана на следниот предизвик. Ги анализиравме грешките и решени сме да реагираме на најдобар можен начин. Сега целиот наш фокус е насочен кон натпреварот во четврток против Македонија Ѓорче Петров. Знаеме дека нe очекува тежок дуел, но сме подготвени и мотивирани. Нашата единствена цел е победата. Ќе дадеме максимум на теренот за да ги освоиме трите бода и да се вратиме на победничкиот пат“, изјави Сиљановски.

Натпреварот Македонија Ѓ.П -Арсими ќе се одигра денес на стадионот во Ѓорче Петров со почеток во 15:30 часот.

Се вчитува...