Стратегот на Шкупи, Чихан Арслан, истакна дека е задоволен од пласманот во следната рунда од Конференциската лига на УЕФА, но не и од играта и резултатот на вчерашниот реванш со Хегелман.
Македонскиот тим имаше убедливи 0-5 од првиот дуел во Литванија, па синоќа на домашен терен одигра скромни, рутински чувајќи ја убедливата предност за конечни 0-0.
„Да бидам искрен, бев понервозен на реваншот отколку на првиот меч бидејќи стравував од опуштање. Можам да кажам дека ми се допаѓа како одигра нашата одбрана, но тоа е се, не можам да сум задоволен од остатокот од тимот и од резултатот. Топлото време имаше свое влијание, тоа не е никакво оправдување, но не создадовме онолку шанси колку што очекував“, изјави Арслан.
Турскиот стручњак не крие дека желба му е Шкупи да го продолжи настапот во ова европско натпреварување и по наредната рунда, во која ривал на екс-шампионот на Македонија ќе му биде бугарскиот претставник Левски.
„Секако, наша цел е да стигнеме што подалеку во ова натпреварување, зошто да не и во групната фаза. Дента кога се вративме од Литванија, јас отпатував за Софија за да го видам во живо тимот на Левски, да ги увидам нивните добри и слаби страни“, обелодени тренерот на Шкупи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА