Македонскиот фудбалски прволигаш Шкупи утре ќе му гостува на литвански Хегелман во првиот натпревар од двомечот во воведното коло во Конференциската лига.
Проблемите со добивањето виза на Валид Хамиди му направија проблеми на тренерот Џихат Арслан, но во секој случај секој фудбалер кој ќе биде на теренот максимално посветено ќе ги извршува обврските.
„Пред се, морам да кажам дека ни претстои тежок натпревар, пред нас е новоформиран тим кој стигна до европските натпреварувања, тим кој сака да биде успешен во Европа. Ние сме тим со важна група играчи, сакаме да извлечеме добар резултат на теренот, на најдобар можен начин. Инаку, имавме проблем, Валид Хамиди не можеше да дојде со нас бидејќи неопходните институции не му дадоа виза. Мислам дека политиката треба да се држи настрана од спортот. Валид не е со нас овде, жал ни е поради тоа. Но, играчите кои ќе ги избереме ќе го покријат местото на Валид, додека ние ќе излеземе на терен за победа“, изјави Арслан.
За утрешниот натпревар зборуваше и капитенот и голман на тимот, Артан Иљази:
„Утре имаме тежок натпревар, нормално ние како екипа сме максимално подготвени за утрешниот натпревар и се надевам дека со позитивен резултат ќе се вратиме во Скопје“, изјави Иљази.
Со тимот не отпатува крилниот дефанзивец, Блертон Шеји, кој беше повреден уште од подготвителната фаза во Турција, додека неговото враќање се очекува да се случи на реваншот во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА