Арслан: Резултатот ниту најмалку не е реален

Шкупи е пред елиминација во Конференциската лига на УЕФА откако загуби на домашен терен со 0-2 од софиски Левски во второто коло од ова натпреварување.

Македонскиот тим имаше повеќе од играта, имаше и шанси за далеку подобар резултат но не успеа да ги искористи. Па, следеше казната на спротивната страна. За тоа е свесен и тренерот на Шкупи, Џихад Арслан кој на прес-конференцијата истакна дека резултатот е далеку од реален.

„Ние имавме три шанси во првиот дел, а тие од само една акција и едно несреќно додавање дојдоа до гол. Резултатот воопшто не е реален, затоа што не заслуживме пораз“ – вели Арслан и дополнува:

„Задоволен сум од односот на моите играчи, немам што да замерам но ете имаше пад на концентрација во одредени моменти што ни пресуди. Мора да прокоментирам и за судијата. Мора да има некакво правило околу делегирањето на судиите. Кога се знае дека нашиот потенцијално следен противник, треба да е од Литванија или Израел, како може судијата на овој меч да е од Израел!?“.

Сепак, Арслан ветува дека тимот ќе се бори до последен здив и за седум дена во Софија за да дојде до изненадување.

„И во Софија одиме да одиграме повторно добро, и да ги поправиме грешките. Ќе се бориме до крај. Ако разговараме за изборот на одредени играчи во првиот тим, тогаш Хамиди доби предност во нападот поради лошиот терен и високите дуели. Затоа се одлучив за него, а не за Трапановски или Воша, кои влегоа и одиграа добро за минутажата која ја добија“ – вели Арслан.

Се вчитува...