Менаџерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека неговиот тим е далеку од битка за титулата во Премиерлигата оваа сезона по ремито против Брентфорд.
Арсенал на домашен терен одигра нерешено 1-1 против Брентфорд и по второто едноподруго реми во лигата, со натпревар помалку заостанува 10 бода зад лидерот Ливерпул.
„Разочарани сме од резултатот. Имавме целосна контрола на играта и примивме многу лош гол. Не беше доволно добар и кога не го правиш тоа што треба против овој тим, примаш гол. Не знам, атмосферата беше поинаква во споредба со вторникот, тоа е сигурно“ – изјави Артета.
Неговиот тим во вторникот беше убедлив против Реал Мадрид во Лондон и победи со 3-0 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
„Не знам дали тоа им беше на ум на навивачите, а ние како професионалци знаеме колку е важно тоа“ – додаде тренерот на лондонскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА