Артета: Ми треба топ-засилување, а не играч што само ќе се брои…

Арсенал на половина од сезоната во Премиер-лигата има шест бода заостанување, но и меч повеќе во однос на лидерот Ливерпул. Микел Артета се соочува со проблеми со повредени играчи, најголема главоболка му создава повредата на Букајо Сака, а шпанскиот стратег не крие дека му е потребно засилување во играчкиот кадар.

Сепак, Артета нагласува дека ако биде доведен нов фудбалер, тоа мора да биде играч од највисока класа кој веднаш би направил разлика во играта на „топчиите“.

„Ми треба топ-засилување, некој кој веднаш би влегол во комбинација за настап, а кога ќе игра ќе направи разлика на теренот во наша корист. Не би било во ред да носиме играчи само за да се бројат како нови имиња, веќе имаме многу такви во нашите редови. Знам дека пазарот за топ-засилувања во јануари е лимитиран, ќе видиме што ќе се случи, јас само го кажувам она што ми е потребно“, изјави Артета.

Приоритет за Арсенал во овој преоден рок се очекува да биде ангажман на топ-голгетер, првата опција Александар Исак од Њукасл делува прескапо, па се очекува „топчиите“ да ги насочат погледите кон Душан Влаховиќ од Јувентус.

Се вчитува...