Монако излезе како победник од трката по Фоларин Балогин, американскиот голгетер кој доаѓа од редовите на Арсенал откако Микел Артета јасно стави до знаење дека нема намера да го користи во првиот тим на „топчиите“. Балогун лани беше испратен на позајмица во француски Ремс, каде блесна и беше еден од најдобрите фудбалери во француската прва лига.
Сите шанси за камбек во Арсенал исчезнаа откако Артета му даде предност на Нкетиа во периодот кога Хесус беше повреден, а Балогун воопшто не влегуваше во игра на овие натпревари. Тој беше поврзуван со Милан и со Интер, во меѓувреме доби и богата понуда од Челси, но решавачка се покажа желбата на фудбалерот да замине во клуб каде би имал посериозна минутажа за да ги покаже своите квалитети.
Монако му гарантираше првотимски статус со што го убеди да се пресели на „Луј втори“, по што клубовите постигнаа и целосен договор околу отштетата, Арсенал ќе заработи 40 милиони евра плус 10% од идниот трансфер на овој голгетер.
Балогун веќе е пристигнат во Монако, каде по деталните лекарски прегледи и официјално ќе потпише петгодишен договор со „кнезовите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА