Артета не може да крене глава од проблеми во Арсенал

Арсенал се соочува со огромни проблеми со повреди од стартот на сезонава, Мартин Едегард штотуку се врати во првиот тим, а Микел Артета веќе остана без нов стандарден првотимец.

Десниот бек Бен Вајт мораше да замине на операција откако во последниот месец настапуваше со повреда на мускулот. Третманите не вродија со плод, фудбалерот и лекарскиот тим на „топчиите“ се согласија дека хируршки зафат е најдобра опција во моментов. Според британските медиуми, паузата ќе изнесува најмалку шест до осум седмици, што практично значи дека Вајт нема да може да се врати на терените до крајот на оваа календарска година.

Уште двајца стандардни првотимци, Деклан Рајс и Букајо Сака, се жалат на повреди и се повлекоа од настап за англиската репрезентација, а дополнителните лекарски прегледи ќе утврдат дали овие двајца фудбалери би можеле да бидат „фит“ по завршувањето на репрезентативната пауза.

Арсенал во првиот меч по паузата на 23 ноември ќе го пречека тимот на Нотингем Форест.

Се вчитува...