АС: Чаби Алонсо е целосно конфузен

Реал Мадрид влезе во репрезентативната пауза со горчина по двата порази, против Ливерпул и Рајо Ваљекано. Се очекуваше дека кога тимот ќе се врати на теренот, против Елче на стадионот „Мартинез Валеро“, ќе сторат сè што е можно за да ја свртат ситуацијата. Но, натпреварот во Аликанте само ја продлабочи раната на Чаби Алонсо, кој сè уште се бори да го пронајде вистинскиот правец за „белите“. Ова го пишува „АС“ во текстот со наслов: „Чаби е целосно конфузен“.

На прес-конференцијата по натпреварот, Алонсо се обиде да остане што е можно попозитивен, иако три последователни натпревари без победа, не оставаат многу простор за оптимизам во клуб со нивото на барања на Реал.

„Тоа е фудбалот, мора да продолжиме понатаму. Не сме задоволни, но сè уште има многу натпревари пред нас. Тимот не се распадна, сè уште се натпреваруваме. Сите сме во ист чамец, мора да го свртиме овој момент, почнувајќи од Атина. Сакаме да напредуваме“, рече тренерот на прес-конференцијата. 

АС пишува дека Чаби и натаму не ја пронашол вистиинската улога за некои играчи.

Се прават експерименти, но нема резултати. Камавинга, на пример, беше импровизирано десно крило против Барселона.

Тој го замени Белингам, кој започна таму, а потоа се префрли во средината. Тогаш функционираше, Реал го доби Ел Класико, а Французинот играше правилно. Но, веќе во следниот натпревар, против Ливерпул на „Енфилд“, таа идеја пропадна.

Десната страна од теренот останува проблем што Чаби не може да го реши. Гулер, Брахим, Мастантуоно се менуваа таму, а Родриго играше против Елче, иако Алонсо претходно рече дека Бразилецот треба да игра лево, каде што се чувствува најудобно.

Но, со Винисиус во тимот, тоа е тешко да се направи. Сепак, во Елче, Алонсо дополнително ги искомплицира работите – Винисиус остана на клупата, Родриго отиде надесно, а Фран Гарсија, сосема неочекувано, играше како лево крило. Приказната за Винисиус заслужува посебно внимание. Бразилецот беше замена по четврти пат оваа сезона, трет пат во Ла Лига. Влезе во игра во второто полувреме и играше нешто повеќе од половина час, но се мачеше да влезе во ритам. Неговиот однос со Чаби Алонсо е со осцилации, особено по неговите поплаки за време на Ел Класико. Алонсо тврди дека нема проблеми меѓу нив, но темата сè уште отвора прашања“, пишува АС. 

Се вчитува...