Кингсли Коман има само 23 години, но веќе зад себе има неколку сериозни повреди поради кои во последните сезони минуваше долго време надвор од терените. Неодамна тој најави дека сериозно размислува предвреме да стави крај на кариерата ако повторно заработи посериозна повреда.
„Не сакам повторно да одам на операција, што е многу, многу е. Можеби не ми е судено да бидам фудбалер. Ако ми се повтори некоја тешка повреда, ќе работам нешто друго во животот, тотално неповрзано со фудбалот“ – изјави Коман.
Вчерашното финале од „Ауди Купот“ меѓу Баерн и Тотенхем се покажа кобно за францускиот интернационалец, кој остана да лежи на теренот и веднаш потоа мораше да биде заменет. Деталните лекарски прегледи ќе покажат за каква повреда станува збор, а челниците на Баерн стравуваат дека во случај ситуацијата да е сериозна Коман навистина ќе реши да му каже збогум на фудбалот.
Повредата на Французинот е уште еден сериозен проблем за тренерот Ковач кога станува збор за крилните позиции. Робен и Рибери летово си заминаа од Баерн, а на полуфиналето од „Ауди Купот“ против Фенербахче повреда заработи и Гнабри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА