Португалската ѕвезда Кристијано Роналдо сака да биде дел од тимот на Реал Мадрид во Суперкупот на Европа што ќе се одигра на 8 август во Скопје, информира шпанскиот спортски весник „АС“. Тој сака да заигра против својот поранешен клуб Манчестер јунајтед во оваа пресметка, иако претходно беше најавено дека ќе го пропушти првиот европски дуел на „кралевите“, поради подолгиот одмор што го доби од тренерот Зинедин Зидан, затоа што настапуваше со својата репрезентација на Купот на Конфедерациите.
Како што информираат шпанските медиуми, Кристијано Роналдо во вторник ќе почне со тренинзи, а има намера да се подготви експресно и да заигра на Суперкупот на Европа во Скопје. Секако, тоа ќе го одлучи заедно со тренерот Зидан, кој претходно тврдеше дека Португалецот нема да игра во Скопје, затоа што ќе нема одработено десет тренинзи со тимот, што за него е минимум за еден фудбалер да добие шанса за настап. Но, сепак доколку Роналдо самиот побара да биде во тимот, тогаш најверојатно и Зидан нема да прави проблеми…
Ова секако е прекрасна вест за љубителите на фудбалот од Македонија кои добија џек – пот преку лотаријата на УЕФА да купат влезници за најголемиот фудбалски спектакл што воопшто ќе се одржи во нашата земја, на „Телеком Арена“ во Скопје, на 8 август.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА