Досегашниот фудбалер на Вардар, Јасир Асани ќе го има своето деби во дресот на Шкупи на денешниот дуел против Работнички во рамките на 20. коло од Првата македонска фудбалска лига.
По претходниот пораз од Вардар, Шкупи сега пред своите навивачи на Чаир посакува далеку поквалитетно издание и први пролетни бодови од дуелот со „романтичарите“.
„Добро се подготвивме за дуелот од кој секако сакаме бодови. За мене е посебно значаен мечот затоа што за првпат ќе се најдам во дресот на Шкупи. Возбуден сум затоа што мојот сон ќе стане реалност. Не сакам ништо повеќе од тоа да дебитирам со победа. Знаеме дека не чека тежок меч, имаат и неколку одлични засилувања, но ние веруваме во нашите квалитети“ – вели Асани.
Работнички, пак, успешно го комплетира првото пролетно гостување во Ѓорче Петров, победувајќи ја Македонија ЃП со 0-3, а денеска следи ново докажување за избраниците на Виктор Треневски.
„Чаир е тешко гостување за сите екипи во лигата и несомнено е дека не очекува неизвесен натпревар. Шкупи ќе има поддршка од своите навивачи, но ние сме подготвени за предизвикот. Сакаме три бода од Чаир и ќе го дадеме максимумот за да ја исполниме целта. Ќе биде тешко, свесни сме за тоа, но доколку ја повториме играта од претходниот натпревар со Македонија ЃП, можеме да се надеваме на позитивен исход“ – вели играчот од средниот ред на Работнички, Бојан Најденов.
ПМФЛ – 20. КОЛО (денеска, 14 часот)
Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА
Кратово: СИЛЕКС – ПОБЕДА
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ
Тетово: РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП
ВЧЕРА
Охрид: ПЕЛИСТЕР – БРЕГАЛНИЦА 2-1
ТАБЕЛА: Вардар 44 бода, Шкендија 40, Пелистер (+1) 33, Работнички 31, Ренова 26, Силекс 24, Шкупи 16, Победа 16, Македонија ЃП 15, Брегалница (+1) 11 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА