Асенсио ја одведе Астон Вила во четвртфиналето од ФА Купот

Астон Вила е првиот четвртфиналист во ФА Купот на Англија откако избраниците на Унаи Емери славеа на вечерашниот дуел против Кардиф со 2-0. Во главна улога беше Асенсио, шпанскиот ас кој по одличното издание против Челси во Премиер-лигата, вечерва повторно блесна и со два гола ја одведе Вила во следната фаза од најстарото фудбалско натпреварување.

Унаи Емери не тактизираше премногу со составот, но Оли Воткинс немаше свој ден и промаши две стопроцентни шанси во првото полувреме. Кардиф имаше одлична шанса на стартот од вториот дел што гостите не успеаја да ја искористат, по што веднаш стигна казната на спротивната страна.

Маркус Рашфорд ја имаше улогата на асистент при првиот гол кога екс-играчот на Јунајтед мајсторски проигра во шеснаесетникот, а Асенсио налета и со удар од прва ја смести топката во мрежата. Кардиф мораше да се отвори, а Вила го искористи тоа и со вториот гол на Шпанецот стави печат на оваа заслужена победа.

Се вчитува...