Талентираниот креативец на Реал Мадрид, Марко Асенсио за шпанскиот медиум „АС“, ја откри причината за неговиот трансфер во „кралскиот“ клуб. 21-годишниот Шпанец вели дека поранешниот најдобар светски тенисер, Рафаел Надал бил човекот што го убедил претседателот Флорентино Перез да го реализира овој трансфер.
„Да, таа анегдота е вистина. Надал му се јави на Перез и му кажа дека Реал не смее да ме испушти. За време на зимската пауза добив повик од Реал во кој ми кажаа дека се заинтересирани за мене. Потоа ми се јави и Перез за да ми каже дека ќе бидам играч на Реал. Се’ се случи во еден ден. Допатував до Мадрид, потпишав, го посетив „Бернабеу“ и се вратив во Мајорка да ја завршам сезоната. Беше многу напнато и се’ се случи многу брзо, но задоволството беше огромно“ – рече Асенсио.
Шпанскиот вундеркид за Реал потпиша во 2014 година, но беше вратен во Мајорка на едногодишна позајмица. Сезоната 2015/16 ја помина во Еспањол, додека оваа сезона се наметна во тимот на Зидан и ги оправда сите очекувања. Настапи на 23 натпревари во Ла лига, тресејќи ја мрежата само три пати, но во сите тие средби покажа дека поседува огромен талент, на кој Реал во иднина ќе може да се потпре.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА