Селекторот на македонската женска кошаркарска репрезентација, Алекандар Ашаданов очекува уште еден тежок натпревар денеска против БиХ во 2. коло од квалификациите за ЕП 2023.
Ашаданов вели дека БиХ е уште посилен ривал од Германија со која бевме егал во првото полувреме. Посебно и што ја имаат најдобрата кошаркарка во најсилната лига на светот.
„Нè очекува уште еден тежок натпревар овој пат на домашен терен со Босна и Херцеговина, која покажа во првото коло против Белгија дека се работи за сериозна екипа. Главен адут е Џонс која е МВП играчот од регуларната сезона во ВНБА која на првиот натпревар имаше брилијантни 44 поени и 24 скока, и индекс 51. Ќе биде исклучително тешко против еден таков играч и противник“ – вели македонскиот селектор.
Сепак, за Ашаданов и неговиот избран тим, целта останува иста.
„Целта останува иста, да се изненади противникот и да се дојде до победа. Проблемите со повредите ни се голем хендикеп. На вечерашниот натпревар повторно нема да можеме да сметаме на Кметовска“.
Ако е нешто поразлично во однос на првиот меч против Германија, е малку подобрата здравствена ситуација со Девана Бонер.
„Се надевам дека Девана Бонер ќе го започне натпреварот со БиХ. Таа го одработи синоќешниот тренинг. Беше и на утринскиот, кој повеќе е шутерски, и загревање за она што следува од 19.часот. Ќе видиме. Со и без неа, екипата дефинитивно не е иста. Во тимот е присутен замор, но ќе се обидеме да го заборавиме, да одиграме со сиот свој максимум против еден високо квалитетен ривал“ – дополнува селекторот пред вториот натпревар од квалификациите за Евробаскетот 2023.
Влезот за натпреварот меѓу Македонија и БиХ кој се игра од 19 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе биде слободен за сите љубители на кошарката.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА